Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, упати честитка по повод муслиманскиот месец на постот, Рамазан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со најголема радост влегуваме во светиот месец Рамазан, месецот кој е најголемиот и најистакнат од останатите месеци во годината. Во овој месец практикуваме еден од столбовите на исламот – постење во неговите денови, што е задолжителна обврска, кога се воздржуваме од јадење и пиење и правење лоши дела заради Возвишениот Алах. Преку постот ја докажуваме нашата посветеност на Создателот, формираме висока свест за нашата позиција на Земјата, да бидеме во служба на доброто и да го избегнуваме злото од себе и од луѓето воопшто“, се вели во пораката на Фетаху со која го честита месецот на постот.
Фетаху нагласи дека овој месец е месец на знаењето, бидејќи, како што напиша тој, во него е објавен императивот да се чита, да се учи, да се истражува, за да се знае креативноста на Семоќниот Алах.
„Преку постот и знаењето ја разбираме главната цел на животот, а тоа е грижата за човекот, која се изразува преку мир, толеранција, хуманост и солидарност. Во оваа средина на нашата поврзаност со Создателот, ние се обраќаме кон Неговото Величество со нашите молитви да прости пропусти, грешки и гревови. По повод доаѓањето на овој голем месец, се обраќаме со молитва кон Возвишениот Алах да се прекинат сите воени судири, бидејќи во такви судири страдаат невини луѓе, кај луѓето се отвораат неизлечиви рани кои формираат психологија на насилство, омраза, убивање и истребување на човекот како суштество“, истакна Фетаху.
Тој напиша дека месецот Рамазан е месец на многу благослови, на формирање на нашата личност, на нашето духовно и физичко прочистување, на облагородување на нашата душа, на нашето тело, на нашето размислување, на зајакнување на нашите меѓусебни врски, негување, почит и продлабочување на љубовта еден кон друг.
„Овој месец е и добар повод за наше помирување, за пружање помош на оние кои имаат потреба – особено на сиромашните и немоќните, бидејќи само така ќе бидеме поблиску до задоволството и простувањето на Семоќниот Алах“, нагласи Фетаху, и додаде:
„Дозволете ми во име на ИВЗ на РСМ и во мое име да ги изразам моите срдечни честитки во оваа пригода, со молитва до Семоќниот Алах да ни даде сила на верата, висока свест, непоколеблива волја, со најголема посветеност да го извршуваме постот. Нашите искрени ибадети и молитви – особено нашите молитви за мир и толеранција, се во согласност со зборовите на Мухамед [Божји мир да е над него]: „Кој го пости месецот Рамазан со вера [искрено и надевајќи се дека ќе биде награден од Алах за тоа], сите претходни гревови ќе му бидат простени. Ви посакуваме убав почеток, пријатна атмосфера на месецот Рамазан и нека е благословен овој голем и свет месец.“
Рамазан, месецот на постот кај муслиманите, оваа година почнува на 2 април.
извор: Агенција Анадолија (АА).