Зеленски денес ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН

0
224

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес ќе се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации за да ја пренесе ситуацијата во Украина до меѓународната заедница, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Велика Британија, која претседава со Советот за безбедност во април, на социјалната мрежа Твитер објави дека ќе обезбеди „да се слушне вистината за воените злосторства на Русија“.

„Ќе ја откриеме војната на Путин каква што навистина е“, соопшти мисијата на Велика Британија во ОН.

Зеленски вчера го посети градот Буча, каде што украинските војници, наводно, пронашле тела на цивили по повлекувањето на руските војници. Во таа прилика изјави дека е важно што медиумите се наоѓаат во Украина и побара вистината за случувањата во неговата земја да се пренесе низ светот.

Претседателот на Украина вчера во видео обраќање до романските пратеници рече дека она што се случи во украинскиот град Буча е „воено злосторство“.

„Сакам да го видите она што јас го видов во градот Буча“, рече Зеленски, извинувајќи се за грозоморните снимки што ги емитуваше.

Зеленски рече дека ако украинската армија и народот не се бранат, руските сили „ќе извршат масакри низ Украина исто како што направија во Буча“.

Главната обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова, рече дека 410 тела на цивили се пронајдени во пошироката област на Киев.

Русија ги демантираше снимките на кои се гледаат мртви цивили во Буча во близина на главниот град на Украина, нарекувајќи ги „лажни“ и „провокативни“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на независна истрага за ова прашање.

САД, Велика Британија, Германија и некои земји од Европската унија, исто така, ја обвинија Русија за „воени злосторства“ во Украина по извештајот Буча.

Турската амбасада во Киев соопшти дека сликите од масакрот објавени од медиумите од различни региони во близина на Киев, вклучувајќи ги Буча и Ирпин, се „застрашувачки“ и повика на „независна истрага“.

Податоците на Обединетите нации покажуваат дека најмалку 1.430 цивили биле убиени, а 2.097 ранети за време на војната која започна на 24 февруари со рускиот напад на Украина. Повеќе од 4,21 милиони цивили побегнале во соседните земји.

извор: Агенција Анадолија (АА).