Екс министерот Миле Јанакиески е осуден на казна затвор од 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, односно за изградбата на „Сончев град“.
На три години затвор е осуден Томе Ѓурчилов, а останатите обвинети Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гачев и Веса Томчевска, добија условна казна од две години.
-Исто така се задолжуваат обвинетите да ја надоместат причинетата штета, истакна судијата Осман Шабани.
Предметот кој беше отворен од поранешното СЈО се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев град“ во Сопиште.
Денешната пресуда е петта по ред која ја изрекува Основниот кривичен суд Скопје во случај во кој обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески. Од претходните четири, во две тој доби условна, а во две затворска казна.