Сали: Протестот на матичните лекари е легитимен, меѓутоа не е навремен

Министерот за здравство Беким Сали во врска со протестот на матичните лекари, најавен за денеска, истакна дека се во постојан контакт со сите здруженија вклучени во протестот, кој смета дека е легитимен, меѓутоа не е навремен.

– Сите тие претставници на здруженијата знаат дека ние интензивно работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита и сметам дека овој ден е само за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање. Меѓутоа, тоа е легитимно право и јас ќе им се придружам. Тие денеска ќе ми бидат гости и драго ќе ми биде да ги видам во протестот како група, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реновираниот оддел за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести.