Косовската полиција спречи шверц на стоки нелегално внесени од Македонија

Косовската полиција денеска на неколку локации изведе операција за спречување на нелегалната трговија, во чии рамки во село во општина Витина, во близина на границата со Македонија, е запрен и камион полн со разновидни комерцијални стоки, кој нелегално влегол од македонска територија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското МВР се наведува дека во камионот, кој бил запрен во селото Кабаш откако не ја испочитувал претходната полициска наредба да застане, биле откриени различни стоки, како авто-делови, прехрамбени производи и стимулирачки медицински средства од типот „камагра”.

Со камионот, кој, според соопштението, е со косовски регистарски таблички, управувал косовски државјанин, кој е идентификуван со иницијалите М.М.

– Криумчарената стока се претпоставува дека е внесена во Република Косово од Република Македонија по илегален пат. По нивниот обид да ја избегнат полициската наредба за запирање, нашите погранични авторитети успеаја да го запрат околу 11.30 часот во селото Кабаш… Вкупната вредност на запленетата стока ќе биде утврдена од страна на Царините на Косово, се вели во соопштението.

Слична акција косовската полиција денеска изведе и во селото Штрпце, општина Урошевац, при што во неколку трговски објекти се запленети стоки, кои, според полициски извори, се нелегално внесени од Србија.