По распитот на Мухамед Зеќири обвинителка вели: Немаат доказ во формална смисла дека тој планира бегство, но, „постои сомнеж“

Во Основниот Кривичен суд – Скопје, вечерва заврши рочиштето пред судија на претходна постапка по барањето за определување притвор на генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој поднесе неотповиклива оставка по сомневањата дека ја злоупотребил службената положба.

Јавната обвинителка Катерина Коларовиќ информираше дека го соочиле осомничениот Зеќири со аргументите кои ги бара Законот за кривична постапка и дека останува судот да одлучи по барањето. Таа посочи дека немаат доказ во формална смисла дека тој планира бегство, но, како што рече, „постои сомнеж“.

Тоа се оперативни сознанија кои што се изнесени од страна на судот, доколку судот ги прифати ќе ви бидат соопштени, ако не ги прифати, повторно ќе објасни зошто не ги прифати, рече Коларовиќ.

Во однос на двајцата осомничени хрватски државјани, таа рече дека оперативните сознанија од Министерството за внатрешни работи се дека ја имаат напуштено територијата на Македонија, меѓутоа судот има доставено наредба за приведување.

Дури откако ќе добие официјален податок по наредбите, ќе има доказ дали се тука или не, посочи Коларовиќ.

Истакна дека станува збор за штета од околу 57 милиони денари за кои во моментов не знаат каде се, ниту дали се надвор од државава.

Не можеме да кажеме каде се парите во моментов. Истрагата е започната во текот на вчерашниот ден, сето она што беше обезбедено како документација е во тек на предистражна постапка која претходеше неколку месеци претходно, рече таа, посочувајќи на Управата за финансиско разузнавање која што, како што рече, се обидува да ја утврди трагата како се движеле парите.

Обвинителката рече дека очекува судот да го прифати предлогот, а во однос на тоа дали може истрагата да се прошири и на други лица, рече во овој момент не, меѓутоа, дека истрагата е започната и дека не се знае што може да произлезе како доказ.

Претходно, судија на претходна постапка, од Кривичниот суд – Скопје, издаде наредба до надлежната полициска станица за спровод на Мухамед Зеќири, но тој во судот пристигна сам во придружба на својот адвокат.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на Македонија во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.

Зеќири се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, на штета на Буџетот на Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.