Иако од претставниците на македонската влада постојано се уверува дека има напредок во преговорите и односите се подобруваат, денеска нови студени тонови пристигнаа од бугарскиот претседател Румен Радев. Тој порача дека очекува бугарската Влада строго да се придржува на Декларацијата на бугарското собрание во преговорите за решавање на отворени прашања со Македонија, кој како што истакна треба да се решат пред почеток на преговорите. Во спротивно рече тој, секоја отстапка ќе предизвика владина криза. Радев со најава за нова блокада кон Македонија, бара Бугарите кои живеат во земјава да не се нарекуваат малцинство.
Надворешно-политичките советници на премиерот во никој случај да не ги оквалификуваат македонските Бугари како малцинство. Тоа не соодветствува на реалноста на Уставот на нашиот сосед. Тоа може да создаде сериозни проблеми во нашите односи и да го уништи целиот процес на европската интеграција на Република Македонија“, вели Румен Радев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека тие не знаат што преговара Владата со Бугарија.
Доколку го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција, обичаи, споредено со традицијата и обичаите кај нашиот источен сосед, доколку не ја одразува различноста на македонскиот народ од бугарскиот народ, автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава, идната Влада ниту има намера да го почитува ниту има намера да биде дел од учебниците со кои што децата ќе учат искривена историја, посочи Христијан Мицкоски.
Од СДСМ реагираа на ваквата изјава на Мицкоски.
Државните позиции во однос на разговорите со Бугарија се јасни, потврдени и со Резолуција во македонското Собрание и Христијан Мицкоски треба да престане со своите неодговорни изјави да и предизвикува штета на македонската позиција и на државниот интерес, порачаа од СДСМ.
Премиерот Ковачевски деновиве рече дека со Бугарија имаме искрена комуникација и дека двете влади веќе работат на конкретни резултати. Сепак тој рече дека за отворените политички прашања се уште нема прифатливо решение.