Неделков: Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми

Штрајкот во училиштата и градинките е почнат, од тоа што досега ми е пратено како порака од најголемиот дел колеги, така е како што планиравме. Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми, изјави за МИА Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој денеска го почна генералниот штрајк во дејностите образование и детска заштита.

Подоцна денеска СОНК ќе има прес-конференција на која ќе информира за оценка за штрајкот и евентуално за проблеми.

Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги приморуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот, додаде Неделков.

Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.

Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот, кој поради тоа денеска го активираше најавениот штрајк.