(ВИДЕО) Реконструкцијата на „Македонски просветители“ во Охрид, продолжи на потегот пред Судот

Интензивно се работи на реконструкцијата на улицата „Македонски просветители“. По средувањето на подземната инфраструктура и асфалтирањето на потегот пред Поштата и Амамот,  денеска се започна со реконструкција на вториот дел од улицата, делот пред Основниот Суд.

Инаку реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ е главниот инфраструктурен проект кој Општина Охрид ќе го реализира како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта” имплементиран од Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.

Според проектната документација, новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти и такси паркингот ќе бидат изведени од гранитни камени коцки со димензии 10/10/10см, орабени со камени гранитни рабници. Тротоарите ќе бидат изведени од гранитни камени плочи со димензии 33/33/3см, а на велосипедската лента ќе бидат поставени гранитни камени коцки со димензии 5/5/8см. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни.