Косовската полиција соопшти дека синоќа во Јариње, кај граничниот премин на северот на Косово, се случиле две експлозии од пиротехнички средства близу полициски автомобил. Нема повредени или причинета материјална штета, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што е соопштено, „на 16.04.2022 година околу 3:10 часот во Шарпеј кај Јариње се случија две експлозии, постои сомнеж дека станува збор за пиротехнички средства“.
„Експлозиите се случија во близина на полициски автомобил што се наоѓал на статично место каде полицијата била фокусирана на спречување на криумчарењето во тој дел. На лице место е забележано дека на стаклото од полицискиот автомобил е оставена хартија, постои сомнение дека станува збор за омот од пиротехнички средства“, се наведува во соопштението.
Понатаму се истакнува дека инцидентот се случил на дел кој е близу до територијата на Србија и дека постои основано сомнение дека тие средства се фрлени од територијата на Србија.
„Нема повредени, ниту материјална штета“, се нагласува во соопштението.
Се додава дека полицијата го следи илегалниот пат кој бил затворен пред извесно време и кој служел за шверц на стока, и дека полицијата ќе продолжи со оперативните активности за спречување прекугранични кривични дела на тоа подрачје и осигурување на безбедноста за сите.
Ова е петти напад врз косовската полиција во последните четири дена. Во првиот напад на 13 април, на магистралниот пат Митровица – Зубин Поток беа распоредени 46 метални ежови, кои служат за оштетување на гумите на возилото. Вториот напад се случи истиот ден околу 21:45 часот, додека единицата на граничната полиција се враќаше по завршената смена во селото Давидовц, кое се наоѓа на 3 километри од селото Бања, односно на граничниот премин во Брњак. Возилото на патролата на граничната полиција е каменувано, а повредени немаше.
Третиот напад се случи на 14 април во селото Бабе околу 20:40 часот, во кој се слушнаа четири до пет кратки рафали од околу 30 куршуми. Во четвртиот напад на 15 април, во околу 7:40 часот, две полициски возила се нападнати со рачна бомба и со АК-47. Во возилата имаше полицајци кои оделе да извршат смена на граничните премини. Во нападите нема повредени.
извор: Агенција Анадолија (АА).