Годинава, првпат во 21. век, форма на владеење во регионот на нации во транзиција е хибридниот режим, се вели во извештајот на невладината организација „Фридом Хаус“ со наслов „Земји во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“.
Од почетокот на непрекинатиот демократски пад во 2004 година, во оваа сива зона паднаа четири демократии – Северна Македонија, Црна Гора, Унгарија и Србија, наведува „Фридом Хаус“ и додава дека во истиот период три авторитарни режими направиле демократски чекори и се приклучиле во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија.
Во објаснувањето на „Фридом Хаус“ на категоријата хибриден режим, меѓу другото се вели: „Додека овие режими комбинираат елементи на демократија и авторитарно владеење, тие аналитички се разликуваат од двете форми. Тие може да бидат демократски во минимална смисла. Таму се одржуваат редовни, компетитивни избори, но нивните дисфункционални институции не се во состојба да испорачаат дефинитивни компоненти на либерална демократија: проверки и баланс, владеење на правото и силна заштита на правата и слободите на сите граѓани.“
Она што е заедничко за хибридните режими е тоа што тие, изгледа, се заглавени во таа категорија, оценува „Фридом Хаус“. Случајот на Северна Македонија го потврдува тоа. Оценката за нејзината демократија е непроменета во однос на претходната година – 3,82, или 47% (притоа 1 е најниска оценка, а 7 е највисока). Од 2015 година до 2020 година, земјата бележеше постојан пад, а оценката се намали од 3,93 во 2015-тата на 3,75 во 2020-тата година.
ЕУ треба конечно да ги започне преговорите со Северна Македонија, препорачува „Фридом Хаус“
Годинава, по области, земјата има оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,5 за изборен процес, 4,75 за граѓанско општество, 3,5 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, а иста таква оценка има и за корупцијата – 3,25.
Во своите препораки за подобрување на состојбите во нациите во транзиција, „Фридом Хаус“ меѓу другото оценува дека демократијата треба да се приоризира во процесот на ЕУ-интеграција:
„Актуелната криза пружа можност да се направи ревизија на процесот на пристапување во ЕУ. Блокот (ЕУ, н.з.) треба конечно да ги започне пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите. ЕУ, исто така, треба да го забрза разгледувањето на барањата за членство кои ги поднесоа Грузија, Молдавија и Украина, редуцирајќи ја бирократијата при истовремено зачувувување на високите стандарди за обврските во текот на целиот процес на аплицирање.“