(ФОТО) ПСС при Црвен крст Охрид во соработка со партнерите од Општина Грамш организираа обука за спасување на нетехнички планински терен во Албанија

0
384

Во рамки на Проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Албанија, припадниците на ПСС при Црвен крст Охрид, во соработка со партнерите од Општина Грамш, организираа обука за спасување на нетехнички планински терен за потребите на противпожарната служба од Грамш, објави ПСС. 

Теренската обука која се одржа во непосредна близина на водопадот Сотира, под падините на планината Томорит, претставува продолжние на процесот на обука, кој започна уште минатата година во тренинг центарот на ПСС во Охрид. Целта на обуката е оспособување на пожарникарите од Грамш, за правилно користење на специјализираната опрема за спасување, како и за безбедно изведување на спасителни операции на нетехнички планински терен.

Со завршување на процесот на обука, новата специјализирана опрема и теренските возила, кои во рамки на проектот беа набавени за противпожарната служба од Грамш, значително се подобруваат капацитетите на оваа служба. Вака опремени и обучени, пожарникарите од Грамш, во иднина ќе може поуспешно да се справуваат со шумските пожари, кои се честа појава во оваа рурална општина, ќе можат да си укажат самопомош во случај на незгоди при нивните активности, но ќе можат ефикасно и безбедно да интервенираат во случај на повредени туристи, кои во сѐ поголем број ги посетуваат планините во овој навистина живописен регион.

На овој начин, но и со останатите проектни активности, општината Грамш, како партнер во проектот, воспоставува сериозна подлога за развој на авантуристичкиот туризам, за што навистина има голем природен потенцијал. Ние уживавме во прекрасната природа и дружбата со пожарникарите, имавме можност да размениме многу корисни искуства од нашите секојдневија, но и да се увериме во кулинарските способности на локалните жители од планинските села, кои веќе се подготвени за пречек на туристите во претстојната сезона.

извор и фото: ПСС.