Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска направија увид на отпочнатите градежни работи за целосна реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, која меѓу карпошани, но и ширум државата е позната под името „Партизан“.
„Со севкупната обнова го враќаме првичниот сјај и функционалност на оваа спортска сала која е гордост за Карпош и за која се врзани дел од најубавите спомени на голем број скопјани. Токму тука се родија и афирмираа плејада спортисти од различни спортски дисциплини. Како Влада која сериозен дел од својот фокус го определува за младите и спортот, а водени од важноста која ја има овој објект, преку Агенцијата за млади и спорт инвестираме 69,5 милиони денари државни средства, за да може „Партизан“ да биде целосно современо и функционално уредено спортско игралиште. За да го вратиме некогашниот дух на спортски ентузијазам и да создадеме уште едно место за спортски активности на младите и на сите граѓани“, истакна премиерот Ковачевски во својата изјава на настанот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Владата, дури и во услови на светска економска криза е посветена на градење капитални објекти кои се со трајна вредност за општеството.
„Инвестираме во објекти кои се од капитално значење и вредност за државата, младите и спортот. И во услови на светска економска криза не запираме да градиме капацитети со кои го подобруваме животот на граѓаните и ги поттикнуваме на спортување и рекреација, кои се важни за менталното и физичкото здравје. Вложуваме по план во секоја општина и населено место во државата, создавајќи општество со еднакви можности за сите“, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски дополни дека Владата и Агенцијата за млади и спорт, континуирано вложуваат и создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубовите и индивидуалните спортисти како што е мерката „Ваучер во спортот“, со која државата ги пренасочува дел од парите од данокот на добивка во македонскиот спорт.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски во својата изјава истакна дека денеска сите заедно сведочиме на возобновување на еден многу значаен објект во македонскиот спорт, „Наум Наумовски – Борче“, или како што скопјани се сеќаваат – салата „Партизан“.
„Култната сала „Партизан“, заслужува да блесне, да го добие потребното внимание, а карпошани и сите скопјани да си ја вратат и својата гордост, но и среќата дека овде ќе се одиграат уште многу натпревари во кои сите ќе уживаме“, нагласи директорот на АМС Наумче Мојсовски.