Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.
Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.
И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо”, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат”, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…”. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.”
По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.
Гетсиманија – молитва и страданија
Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава).
Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота.
Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе.