Уште еден земјотрес почувствуван во Македонија

Нов земјотрес е почувствуван попладнево во источниот дел од земјата, соопштија сеизмолозите.

– Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 25.04.2022 година регистрираше земјотрес 120 km југоисточно од Скопје кој потекнува од пограничното епицентрално подрачје Пехчево-Кресна, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот се случил во 18 часот и 31 минути со Рихтерова локална магнитуда ML4.2 и интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала, а беше почувствуван од населението во Делчево, Берово, Пехчево и околината.

Серија помали потреси, од кои најсилниот беше со јачина од 3,2 степени, изминативе два дена го погодија регионот.