Министерот за образование: Се разгледува можноста за настава по 10 јуни

Министерот за образование Јетон Шаќири во интервју на „Макфакс“ потенцира дека е подготвен за продолжување на преговорите со СОНК.

Шаќири реагира бидејќи, како што вели, од страна на тие што го организираат штрајкот никогаш немал добиено одговор што понатаму со наставниот процес.

„Од страна на СОНК вчера беше кажано дека штрајкот продолжува, но не кажаа како ќе се продолжи со настава, а токму како последица на случувањата во СОНК губат децата и оние во образовниот процес“, истакна Шаќири.

„Во овие преговори го кажавме она што ние како Влада можеме како максимум да го исполниме. Во оваа економска криза го даваме најголемиот процент на покачување и никогаш не се кажа дека тоа е крајниот процент, оставивме простор и сите го прифативме тој простор. Но, другата страна не размислува за последиците во основното и средното образование“, додаде министерот за образование.

Најави дека се разгледува и можноста за продолжување на наставата по 10 јуни со цел да се надомести изгубеното.

Во интервјуто Шаќири реагира на невистините и на дезинформациите, кои, како што вели, се шират меѓу членството на СОНК во врска со покачувањето на платата.

„Вчера дури имаше невистини и дезинформации меѓу наставниците дека покачувањето на платата е 1.200 денари. што не е вистина. Процентот е повисок и покачувањето доаѓа од 2.500 до 3.800 денари. СОНК таквите пресметки можеше да ги достави до членството и сите да ги знаат“, нагласува Шаќири.

 

makfax.com