Истанбул: Во пожар во фабрика во подрачјето на Тузла загинаа тројца работници

0
310

Во пожарот што избувна во фабриката за бои во дистриктот Тузла во Истанбул, Турција, загинаа тројца работници, а девет се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).

Причината за пожарот во фабриката сè уште не е позната, а голем број пожарникари и медицински екипи се на местото на настанот по дојавата.

Се создал густ чад, а пожарот се прошири и на околните деловни објекти. Од експлозиите е причинета материјална штета на околните деловни објекти.

Пожарникарите успеаја да го стават пожарот под контрола. Во текот на акцијата за гаснење на пожарот повреден е еден пожарникар кој е пренесен во болница.

Во соопштението на Канцеларијата на гувернерот на Истанбул се наведува дека во 13:15 часот по локално време од непознати причини избувнал пожар во фабрика во Тузла.

На терен се испратени екипи од пожарникари, медицински работници, безбедноста и Агенцијата за вонредни ситуации (АФАД).

„Пожарот е ставен под контрола. Екипи на Регионалната управа за шуми изгасија пожар кој се прошири во блиската шумичка. Здравствените работници им укажаа помош на девет работници кои се полесно повредени. За жал, Т.А., М.О и Т.Т. починаа“, се наведува во соопштението.

извор: Агенција Анадолија (АА).