Компаниите имаат се поголем проблем да им поделат плати на работниците. Од 69 илјади фирми, во законскиот рок до 15-ти април, плата поделиле речиси 47 илјади работодавачи – информираат за Алфа од Управата за јавни приходи. Тоа значи дека во предвидениот рок, дури 22.105 компании не ги исплатиле своите вработени. Некои од нив дале плата со задоцнување, но многумина не го сториле тоа. Речиси 15 илјади фирми не поделиле плата за сработеното во март.
„Со задоцнување после 15-ти април МПИН пресметката ја платиле 7 256 работодавачи, МПИН пресметка не поднеле 5,396 работодавачи, додека 9,453 работодавачи не ја платиле МПИН пресметката за месец март 2022г.“ – велат од УЈП.
Некои од газдите велат дека доцнат со плата, бидејќи чекаат на субвенциите за исплата на минимална плата. Од УЈП информираат дека само 2.864 компании аплицирале до Управата за субвенции за исплата на разликата од придонесите на зголемениот минималец. За анализата за тоа колку од компаниите не го исплатиле законскиот минимум од 18 илјади денари ќе се почека откако ќе се прочистат податоците, односно се иземат случаите на намалени исплати по основ на боледувања, отсуства и други кратења. Компаниите уште пред неколку месеци се пожалија дека не можат сите да аплицираат за субвенции за исплата на минималец, бидејќи нема да се примаат барања од фирми кои претходно биле корисници на државна помош.
Компаниите имаа проблем да исплатат плати и пред покачувањето на минималецот и војната во Украина. 23.257 работодавачи не поделиле јануарска плата до законскиот рок, а од нив 16.883 фирми ја исплатиле со задоцнување. Тоа значи дека над 6 илјади компании не поделиле плата за јануари.
Во март состојбата е уште поалармантна. 7.330 компании не дале плата за февруари. 23.680 не ја исполниле обврската кон вработените во законскиот рок, а од нив 16,349 фирми поделиле плати со задоцнување.
На оние што го изигруваат законот, УЈП прво им праќа опомени, а ако не ги исплатат работниците во дополнителните рокови, им се доставуваат решенија за присилна наплата.
алфа.мк