Во земјава 13.444 работници не го добиле законски гарантираниот миниималец од 18.000 денари, покажуваат податоците на управата за јавни приходи, објави „Денар“, иако тие изработиле полно работно време за цел месец.
Најголемиот дел од работниците или 11.437 лица биле вработени во приватниот сектор. А, на 2.007 лица државата не им ја исплатила загарантираната минимална плата. Тие биле вработени во јавниот сектор, покажуваат бројките.
„УЈП ќе прави дополнителна анализа на податоците за да го утврди бројот на фирми на кои работници не им била исплатена минимална плата. Потоа ќе го извести Државниот инспекторат за труд“, информираат од Управата за „Денар“.
„Согласно обработените податоци, кај 13. 444 работници е исплатена плата помала од 18.000 денари за месец март 2022 година. Од нив 11.437 вработени се од приватен сектор, а 2.007 лица се вработени од јавен сектор за кои се поднесени и исплатени МПИН со нето плата помала од 18.000 денари. Овие податоци се од поднесени и платени МПИН пресметки при што пресметковно нето-основицата е сведена на работно време за цел месец и истите ќе подлежат на дополнителни анализи, со цел да се утврди вистинската бројка на ДО кои исплатиле плата под минималната плата, и по направена детална анализа ќе се извести Државниот инспекторат за труд со цел нивно постапување во делот за исплата на плата под минимална плата“, одговориле за „Денар“ од УЈП.
До здружението „Гласен текстилоец“ пак стигнале првите поплаки од вработени текстици. Така, околу 1.000 лица пријавиле дека во 7 компании не им била исплатена минимална плата за март, или добиле за 1.000-2.000 денари помалку од минималната загарантираната од 18.000 денари. Други пак 970 работници пријавиле дека добиле 18.000 денари, но само нив- без додатоците на плата.