Димитриевски: Не се точни информациите дека подготвувам нова политичка партија, движењата се тие што носат суштински промени

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва, во гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител потенцираше дека не се точни информациите дека подготвувал нова политичка партија.

„Не се точни информациите, бидејќи моето мислење е дека народот и граѓаните всушност некое големо фајде од политичките партии не видоа сите овие 20тина години наназад. Размислувам дека треба да учествувам заедно со мојот тим, со мои истомисленици на последните парламентарни избори без разлика на тоа дали ќе бидат предвремени или редовни, бидејќи тоа го дефинира мнозинството во Парламентот, но секако ќе ги следам насоките од електоратот којшто ми ја даде првично довербата како независен кандидат на последните локални избори во Куманово и пошироко.
Ќе се прават анализи, сондажи и анкети. Мојот став е јасен, јас сум максимално транспарентен и кога ќе дојде моментот ќе излеземе со својата понуда кон граѓаните“, рече Димитриевски.

Тој посочи дека ако се следат случувањата во регионот, по примерот на Бугарија или последниот пример на Словенија не повеќе политичките партии, организации се пресудни на едни избори.

„Можеби движењата се тие кои ги носат суштинските промени во едно општество коешто има намера да биде современо, модерно и граѓанско општество во вистинска смисла на зборот. Има голема капацитетност кај сите граѓани, и во Македонскиот и во Албанскиот, во сите други блокови или етнички заедници, секако дека нашиот концепт ќе биде мултиетнички, но да оставиме времето да го каже тоа бидејќи сега во моментот сметам дека е депласирано да зборуваме пред време“, изјави Димитриевски.