Пандов: Денес сведоци сме како се пазарат со Гоце Делчев, наша должност е да го одбраниме и да го продолжиме неговиот идеал во градење на македонската државност

Веројатно низ годините многумина зборувале за ликот и делото на Гоце, но денес, сега како никогаш досега е вредно да се истакне неговото значење за македонската борба за слобода и неговиот придонес во градењето на македонската државност, изјави претседателот на патриотскиот институт „Гоце Делчев“ при ВМРО-ДПМНЕ Александар Пандов, на денешната трибина насловена историски час по повод 119 години од смртта на Апостолот Гоце Делчев во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“.

„Денес за жал сме сведоци на една по малку срамна реалност, кога други сакаат да го присвојат, а во исто време одредени чинители во Македонија го запоставуваат и се пазарат за неговите идеали. Впрочем како поинаку да го толкуваме фактот што оваа година, кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање, македонските институции немаат соодветна програма за одбележување на ваков значаен датум, кога пратениците од власта одбиваат Декларација за одбележување на овој јубилеј, а со тоа и афирмација на наследството, кога Премиер на држава не присуствуваше на 4-ти февруари на одбележувањето на ваква годишница“, рече Пандов.

Пандов посочи дека сето тоа говори дека оваа власт прави деградирање на ликот, делото и придонесот на Гоце, во услови кога во исто време на зелена маса се пазари. Секој од нас мора да е горд на таков македонски син, да е горд што е сонародник на Гоце Делчев.

„Неговото дело е најчистото револуционерно дело. Гоце велеше дека Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите и дека Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце. Овие пораки на Апостолот се безвременски. Тие се пораки дека треба да останеме истрајни и самите со свои раце да ја градиме својата судбина и иднина“, кажа Пандов.

Пандов потенцираше дека за него Македонија била почетокот и крајот, неговото верују. Целиот свој живот го посвети на Македонија и како Македонец веруваше дека негова должност е да работи за Македонија која има свои интереси и своја политика.

„Ете во тоа е величината на Гоце Делчев. Ете тоа е долгот кој што сите ние го имаме кон ликот и делото на Гоце. Ете затоа наша света должност и завет е да го одбраниме и продолжиме тој идеал во времиња на негации и неразбрани трговци. Ете затоа велиме Гоце е Македонија!“, истакна Пандов.

Историчарот и универзитетски професор, д-р Ванчо Ѓорѓиев, се надоврза на зборови кои се објавени во македонското списание „Свето дело“ кои излегувало во Ќустендил 1903 година во неговиот број за месец мај и јуни по повод смртта на великанот.

„Зарек и как Ѓорѓи Делчев е страшниот Гоце умрел. Вдахновителот на македонскиот народ, претичета на македонската слобода, умрел. Неверувајте во тоа, о робје, не верувајте и вие ученици на великиот учител, на бесмртниот рамногорец, не верувајте. Ѓорѓи Делчев е жив, пожив од нас живите и сега да тој, едвај сега ќе заживее во народната песна, во народната свест, во народната историја и неговиот лик ќе биде отпечатен во срцето на секој Македонец“, цитираше Ѓорѓиев дел од писание после смртта на Гоце Делчев, додавајќи дека ова го прочита овој дел за да македонската јавност виде како Делчев е преставен во моменти кога сега се оспорува неговиот лик и дело, односно се присвојува.

Тој додаде дека во 1904 година излезе првата биографија за Гоце Делчев од неговиот подвижник, Пеју Јаворов кој е прекрасен поет и кој последните денови ги поминал со Гоце и веднаш по објавувањето, во списанието „Македонија“ е направен приказ на книгата во кој има многу сериозна забелешка за Јаворов во кој се вели Јаворов е одличен поет, но многу лош историчар затоа што го прикри и девалвира македонскиот сепаратизам, однесувајќи се на политички сепаратизам.

„И се додава, Јаворов не ја разбрал суштината на македонскиот сепаратизам. Тоа не е само политички сепаратизам, тоа е и национален сепаратизам, сепаратизам на Македонците воопшто“, рече Ѓорѓиев кој вели дека ова го зборува, со цел македонската јавност да види уште од кога, практично, почнува негирањето или присвојувањето и премолчувањето.

Ѓорѓиев додаде дека, јаворов не може да се третира како човек кој свесно присвојувал, но тој свесно премолчувал одредени моменти од историјата на Македонија, од историјата на Гоце Делчев.