Ден на македонскиот јазик – 5 Мај

Со неколку настани денеска ќе биде одбележан Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, кој беше прогласен во 2019 година со одлука на Владата.

На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.

„Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите“, соопшти Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.

 

МКД