Инфлацијата кај нас почна уште од август 2020 година заради зголемување на цената на електричната енергија. Не се планира однапред, власта носи одлука денес и не гледа какво влијание ќе има на сите останати работи. А во исто време не се прашува зошто не се носат странски инвестиции како Србија и да се полнат девизните резерви. Ги избркаа, а не да носат нови, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска за Утрински брифинг.
Таа посочи дека многу фактори влијаеја на инфлацијата, владата ја споменува само увезената, но никој не зборува дека имаме континуиран пад на продуктивноста од 2017 година навака, тоа и ММФ постојано го кажува, а тука е и катастрофално справување со енергетската криза.
– Владата требаше да го скрати дефицитот со тоа што ќе остават простор да помогнат за енергетската криза. Владата треба да се занимава со ЕСМ, копаат ли јаглен, се спрема ли за зимата која ќе биде тешка За РЕК Битола постојано се зборува дека нема , јаглен, но реалноста е дека не се копа, власта ни јаловината не ја чисти. Зошто немаше 350 000 тони јаглен во октомври па да можевме да произведуваме. Не не изненади кризата, но тоа влијаеше да имаме повисока цена на електрична енергија, изјави Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска посочи дека додека континуирано сме во криза уште од корона пандемијата власта сега се сети дека треба да се штеди, но креира буџетски дефицит за 2022 година кој е многу поголем од тоа што навистина може да се реализира.
– Кога ќе ги погледнете антикризните мерки таму има препораки до министерствата да скратат трошоци за патување, репрезентација. Како после две години уште од корона кризата ние зборуваме за ова? Во корона криза трошеа на репрезентации, пред нова година трошеа на прибор за јадење, дома во златни лажици и виљушки ли јадат, вели Димитриеска Кочоска.
Во однос на најавеното задолжување од 900 милиони евра таа посочи дека власта само се задолжува, но никој не знае каде се трошат парите што значи дека тие се злоупотребуваат.
– Со овие 900 милиони нов долг, ќе ја задолжат државава за 3,2 милијарди евра за 5 години, но што добивме од тоа, на што ги трошат парите, каде се, што се гледа, еве нека кажат што направиле да го видиме. Ни 2 километри автопат кон Косово не можат да ги направат. Ние не гледаме што направиле што упатува на заклучок кој е страшен, односно дека во изминативе 5 години најголемиот дел од парите се злоупотребиле, инвестиции нема никакви, рече Димитриеска Кочоска.