(ВИДЕО)Вартоломеј може да додели автокефалност на МПЦ-ОА, но прашање е дали тоа ќе го прифатат сите цркви, вели Тимотеј

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, во интервју за Глас на Америка, вели дека одлуката на Вселенскиот патријарх Вартолмеј за признавање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија како канонска е добар потег, и оти црквата и народот повеќе не се во изолација. Но, за добивање на автокефалност ќе мора да има договор со СПЦ, вели тој.​

Глас на Америка: Вселенската патријаршија донесе одлука со која ја призна МПЦ-ОА за канонска. Од каква важност е сето ова?​

Тимотеј: Ова е добар потег на Вселенската патријаршија или на г-дин Вартоломеј, како поглавар или патријарх вселенски. Тоа значи дека иерархијата и народот не се веќе во изолација, како што 55 години беше, туку може да сослужува рамноправно со останатите православни хиерарси низ целиот православен свет, според законот или прописот на Вселенската патријаршија. Но, прашање е дали сите православни цркви тоа ќе го примаат како релевантно или ќе имаат свои поинакви ставови и мислења.​

Глас на Америка: Што е следно и кои се вашите очекувања до целосна автокефалност на МПЦ-ОА?​

Тимотеј: Нашите разговори или преговори продолжуваат со СПЦ и тие ќе продолжат се` додека не ја добиеме посакувата цел, а тоа е автокефалност на МПЦ, која ќе биде призната не само од една црква, туку да биде призната од сите. Кога тоа ќе се случи, тогаш ќе ви кажеме. Според договор на сите православни цркви кои учествувале во Шембези близу Женева, каде Цариградската патријаршија има свој културен центар со учество на делегации на сите православни цркви е изграден став како може да се дојде до томос, односно до признавање на една автокефална црква и со тој договор треба најпрво да се согласи црквата од каде се излегува. Во случајот на МПЦ, хиерархија добиваме преку Српска православна црква. Значи треба СПЦ да предложи до останатите православни цркви, а потоа томосот да го потпишат заедно и српскиот и евентуално цариградскиот патријарх или цариградскиот и останатите. Но кога ќе биди тоа, не зависи од нас. Ние се молиме и работиме на тоа“.​

Глас на Америка: Што доколку СПЦ не се согласи. Дали Вселенскиот патријарх има овластување сам да го потпише тоа?​

Тимотеј: Тој може да го потпише неспорно, но прашање е дали тоа ќе биде валидно за сите православни цркви. Знаете дека во овој момент има голем судир помеѓу Москва и Цариград. Така да нема да го примаат. Како што веќе има изјави од Москва и за ова решение на Цариград, дека тие тоа не го признаваат, а ние не сме заинтересирани да не бидеме признати од Москва. Сепак тоа е најголема правослвна земја и најголем православен народ.​

Глас на Америка: Како го оценувате ставот на Руската православна црква, која вели дека ги признава исклучиво правата на СПЦ во Македонија?​

Тимотеј: Таа си ги штити своите интереси визави Цариград, поради Украина. И тоа е легитимно нивно право. Дали јас се согласувам или не се согласувам тоа е друго прашање.​

Глас на Америка: Ваш став за Бугарската црква, според која тие биле единствени наследници на Охридската архиепископија?​

Тимотеј: Тоа е уште една глупост бугарска, ништо повеќе.

 

 

Глас на Америка