Сите сакаат да ставаат фотоволтаици, изнајмуваат покриви и ниви, па има трипати повеќе барања за изградба на фотоволтаици отколку што трошиме струја во С. Македонија, алармираат бизнисмените
Секое домаќинство или фирма наскоро ќе може да стави фотоволтаик на покривот за производство на струја. Во услови на енергетска криза и вртоглав раст на цените на електричната енергија, ваквата најава на премиерот Димитар Ковачевски пролетва беше дочекана со нетрпение.Тој уште во март најави дека во фаза на изработка се законските решенија со кои ќе се овозможи граѓаните да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија. Се подготвува и закон со кој ќе се олесни постапката за инсталирање на фотоволтаични системи на покривите на домаќинствата и на индустриските објекти. Но, пролетта полека изминува, измените не стапија на сила, а со тоа паднаа во вода и шансите за максимална искористеност на сонцето за производство на струја.
„Надлежните најавуваат зголемување на моќноста на системите, која во моментов е 4 киловати да стане 6 киловати за домаќинствата, меѓутоа не ги објаснуваат деталите како тоа би функционирало. Беше објавено дека до март ќе бидат познати деталите. Сега е веќе мај, период којшто е најдобар за производство на струја, а ние ја пропуштаме шансата“, вели за ДВ Зоран Митрески, сопственик на компанијата „Ефикс Електрикал“, една од водечките компании за поставување на фотоволтаични системи.
Според него, најдобро производство на електрична енергија има во пролет и во есен кога температурите се движат од -25 степени до + 25 степени. При високи температури системот деградира и нема 100 % искористеност на сончевиот потенцијал.
Надеж за спас од енергетската криза
Во министерствата за економија, транспорт и финансии се подготвуваат законски измени поврзани со правилниците за обновливи извори на енергија, коишто се очекува да бидат донесени во јуни. И фирмите коишто се бават со поставување фотоволтаици, но и граѓаните се надеваат дека со законските измени ќе се отвори патот за поголема искористеност на сонцето за производство на струја. Додека околните земји – Бугарија, Србија, Грција ги следат европските закони каде веќе им е дозволено да инсталираат до 50 KW како физичко лице, Северна Македонија заостанува зад регионот, во услови кога енергетската криза притиска се посилно.
„Законското ограничување ги спречува луѓето да размислуваат за соларни колектори. Сите што сме во оваа дејност се бориме како гладијатори за да се пробиеме, за да го стопиме тој мраз што на вештачки начин го создаваат моќници на кои не им одговара масовно инсталирање на системите“, вели за ДВ Митрески, кој со години наназад води битка за поголем продор на фотоволтаиците на македонскиот пазар.
„Вака излегува дека во промили го користиме сонцето – не нема никаде во оние светски графикони од 120 држави каде што има производство на електрична енергија од соларни системи, што е нелогично заради група луѓе коишто го кочат процесот од приватни интереси. А, сонцето милијарди години зрачи енергија, за една рака луѓе да не дозволуваат негово поголемо искористување. Зошто?“, прашува Митрески.
Во 2013 година кога го започнал бизнисот со лед технологија, а потоа и со фотоволтаици, оваа проблематика ретко кој ја познавал и работел. Но, денеска на фотоволтаиците им се случува енергетска пролет. „Станува бизнис број еден и во светот и кај нас. Северна Македонија доживува експанзија, енергетска пролет. Сите сега сакаат да монтираат фотоволтаици – и компании и приватни лица, секој втор сака да ги монтира системите на покривот“, вели Митрески.
Клуч на врата или фотоволтаици
Северна Македонија до скоро користеше најевтина струја во регонот, поради што повеќето индустриски капацитети, па и граѓаните беа комфорни околу околу прашање. „Кога енергијата рипна со коефициент од 400- 500 % луѓето сфатија дека ако плаќаат по таа тарифа тие се веќе во банкрот. Некои се уште не се свесни, мислат дека цените на енергијата ќе се вратат како пред кризата, меѓутоа се поизвесно е дека тоа нема да се случи. Оние што сега преземаат чекор за да се свртат кон обновливите извори на енергија може и ќе се спасат од банкрот, но некои ќе стават клуч на врата. Сонцето може многумина да спаси од пропаѓање“, вели Митрески.
Минатата година цените на сите енергенси го достигнаа историскиот пик. Електричната енергија постигна цена од фантастични 450 евра за мегават час за разлика од цените пред кризата кои достигнуваа од 55 до 65 евра за мегават час. Кај нафтените деривати се регистрираше поскапување за околу 70 отсто на берзите во однос на крајот на 2020 година.
„Берзанските цени на овие енергенси и денес се околу четири пати повисоки од цените пред кризата и се очекува да се стабилизираат на одредено повисоко ниво во однос на нивото пред кризата. Поради свесноста кај сите потрошувачи дека енергенсите се зголемуваат, имаме значаен пораст на потрошувачи кои ги обезбедуваат дел од сопствените потреби за електрична енергија од инсталирани фотонапонски панели, а во исто време се регистрира и пораст на производители на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали“, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Ако во март минатата година компаниите плаќале 60 евра за мегават час, истиот период годинава цената на струјата е зголемена на 280 евра за мегават час, односно поскапувањето на струјата за компаниите е зголемено повеќекратно. Инвестирањето во фотоволтаични електроцентрали во моментов е единствената побрза опција, преку која компаниите може да стигнат до пониска сметка за електрична енергија.
Премии
Во Стратегијата за развој на енергетиката што беше усвоена од Владата во 2019 година се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, односно се планира изградба на 750 MW ветерни електроцентрали и 1400 MW фотонапонски електрани.
Како една од мерките коишто се преземаат за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, е воведувањето на премија. Производителите на електрична енергија од фотонапонски и ветерни електроцентрали кои користат премија можат да ја продаваат електричната енергија на пазарот на големо, а за продадените количини да добиваат премија како дополнителен износ на цената постигната на пазарот на електричната енергија.
„Министерството за економија досега спроведе три тендерски постапки за доделување на право на употреба на премија, една на државно земјиште и две за приватно земјиште за вкупно инсталирана моќност од 140 MW. Во однос на првата постапка согласно склучените договори, дел од инвеститорите веќе имаат добиено одобрение за градба и започнаа со градежни активности, а дел се во завршна фаза пред добивање на одобрение за градба. Втората постапка е во финална фаза пред потпишување на договори. Може да се забележи евидентен интерес за овој вид на поддршка, судејќи сопред пристигнатите апликации“, велат од Министерството за економија за ДВ. Од друга страна вкупно 175 производители ја искористиле можноста за сопствено производство (со инсталирана моќност помала од 1 MW) во текот на 2021 година, при што инсталирале фотонапонски електрани со вкупна моќност од 13 MW.
Субвенции
Кога станува збор за домаќинствата, државата преку субвенции го помага процесот на набавка и инсталирање на фотоволтаични системи. Станува збор за инвестиција за која што едно четиричлено семејство во просек треба да издвои околу 5.000 евра за да постави фотоволтаици за сопствени потреби на покривот на својата куќа.
„Владата на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година. Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 КW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство“, велат од Министерството за економија. Оваа мерка за прв пат се воведе во 2021 година. За поставување на фотоволтаици лани од буџетот без издвоени 8.000.000 денари.
Исплатлива инвестиција
Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, Ангел Димитров, сопственик на „А.Д. Мода“ од Свети Николе е еден од оние бизнисмени коишто се одлучиле да инвестираат во фотоволтаици за производство на електрична енергија. „Ова е исплатлива инвестиција ако имате каде да ја трошите струјата. Компанија која што 70 или 80 % произведената енергија ќе ја троши за себе е многу пожелно и исплатливо да инсталира во фотоволтаици, затоа што со тоа го решава проблемот за обезбедување на електрична енергија“, вели Димитров.
Со сегашните цени на струјата, според него, станува многу исплатлива инвестиција. Компанијата досега има вложено 76 илјади евра за 150 KW, додека за уште 150 KW инвестирала ОКТА. „Поради бирократските пречки за добивање дозвола, ние се одлучивме да одиме заедно со ОКТА којашто има лиценца за продажба на струја. Вишоците ги продаваме и ја користиме нивната експертиза“, објаснува Димитров.
Ако првичните планови биле инвестицијата да ја вратат за 4-5 години, додека на ОКТА им требале од 9 до 10 години, со новите цени на струјата ситуацијата е драматично променета. „Со овие цени на струјата многу бргу се враќа инвестицијата“, дециден е Димитров.
Но, според него, сега има појава на помодарство, сите сакаат да ставаат фотоволтаици, изнајмуваат покриви и ниви, па има „трипати повеќе барања за изградба на фотоволтаици отколку што трошиме струја во Северна Македонија“. „Но, ако им се дозволи на сите да влезат во бизнисот, системот ќе крахира – мора некаде да ја продавате струјата, таа не може да се чува во џеб“, вели Димитров. Затоа,тој смета дека треба детално да им се објасни постапката на сите што сакаат да инвестираат, а регулаторните комисии да го контролираат издавањето на дозволи, со цел да се заштитат граѓаните од можните штети коишто можат да следат.
Дојче Веле