Ѓоргевски за DW: Лоша вест од Ниш, СПЦ го враќа статусот на МПЦ-ОА од 1959 година

Вестите коишто денеска пристигнаа од Ниш, каде што заседаваше Соборот на Српската православна црква за статусот на МПЦ-ОА, предизвикаа дилеми и загриженост во Скопје. По првичните реакции дека Соборот на СПЦ одлучи да го обнови канонското единство со МПЦ – ОА и да признае дека таа повеќе не е расколничка црква, аналитичарите се загрижени дека со ваквата одлука МПЦ наместо да оди чекор напред, се враќа наназад – па место да добие автокефалност, го враќа статусот на автономна црква во рамките на СПЦ, којшто го имаше во 1959 година, објави DW.

„Тоа не е само еден, туку 100 чекори враќање наназад за македонската црква, која што во 1967 година прогласи автокефалност. Со ваквата одлука за автономија всушност ќе треба да се откажеме од одлуката на МПЦ за прогласување автокефалност“, вери верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски за ДВ.

Како што се наведува во соопштението на соборот на СПЦ, ваквата одлука е донесена врз основа на акт од Светиот архиерејски синод на „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, со кој таа наводно го прифаќа општопризнатиот канонски статус доделен во 1959 година од страна на Светиот архиерејски собор на СПЦ и со кој изразува надеж дека СПЦ братољубиво ќе го решава и ќе го реши и прашањето на нејзиниот конечен статус, по што треба да следува сеправославна согласност и прифаќање на тој статус.

Руската православна црква (РПЦ) ја поздрави одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архепископија. Заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, вели дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“.

Текстот во целост на: DW.