Шпанија потврди 7 случаи на мајмунски сипаници, а Португалија потврди 14 случаи во средата вечерта, додека властите продолжуваат да истражуваат уште најмалку 24 сомнителни инфекции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сите потврдени и сомнителни случаи беа пронајдени кај мажи во регионите на Лисабон и Мадрид. Сите се во стабилна состојба, според здравствените власти.
Претходно овој месец, Велика Британија предупреди за својата прва мала епидемија од мајмунски сипаници.
За првпат, вирусот се шири надвор од Африка. Канада, Шпанија, Португалија и Соединетите Американски Држави ги пријавија своите први случаи во средата.
За вирусот се верува дека тешко се пренесува, но новиот начин на пренесување сугерира дека е потребна поголема истрага.
Во Шпанија, властите исто така даваат контрадикторни пораки.
„Пренесувањето на вирусот мајмунски сипаници вообичаено се одвива преку респираторниот систем, но карактеристиките на 23-те случаи во Мадрид сугерираат дека може да се шири преку контакт со мукоза за време на сексуални односи“, рече во средата вечерта, здравствената директорка на Мадрид, Елена Андрадас.
Во Велика Британија, изминатите случаи претежно се пронајдени кај геј или бисексуални мажи.
Министерката за здравство на Шпанија, Каролина Даријас, во интервју во средата вечерта рече дека мајмунските сипаници „се вирус“ и затоа „не се сексуално пренослива болест“.
Нејзините забелешки се жестоко критикувани, при што многумина истакнаа дека и херпесот и ХИВ се исто така вирусни инфекции кои можат да бидат пренесени преку сексуален контакт.
Според Светската здравствена организација, неколку случаи на мајмунски сипаници кои се откриени во Велика Британија и припаѓаат на западноафриканската група на вируси.
Мајмунските сипаници може да се пренесат ако некој е во близок контакт со инфицирано лице, според Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија.
Центрите за контрола и превенција на болести во САД рекоа дека симптомите на мајмунските сипаници започнуваат со настинка, главоболка, болки во мускулите и исцрпеност. По неколку дена, пациентите можат да развијат осип кој поминува низ различни фази пред да се претвори во рана.
Болеста вообичаено трае меѓу две до четири недели.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).