Ердоган: „Турција ќе каже „не“ за влез на Финска и Шведска во НАТО“

Турција ќе каже „не“ за влез на Финска и Шведска во НАТО, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека високите претставници на двете земји треба да ја посетат Турција за разговори во наредните денови, јавува Агенција Анадолија (АА).

Турскиот претседател ја повтори загриженоста на Анкара поради обидот за приклучување кон НАТО на Хелсинки и Стокхолм, велејќи дека земјите се домаќини на припадници на терористички организации, како ЈПГ/ПКК и ФЕТО.

„Ние им рековме дека НАТО е безбедносна организација, не можеме да прифатиме присуство на терористички организации во една таква организација“, рече Ердоган на состанокот со група млади луѓе во главниот град Анкара на одбележувањето на Денот на младите и спортот.

„Особено Шведска е вистинско засолниште за тероризмот“, рече тој, додавајќи дека Стокхолм, исто така, вовел ембарго за оружје за Турција.

Турција, долгогодишна членка на НАТО, изрази приговори кон обидите на Финска и Шведска за влез во НАТО, критикувајќи ги земјите за толерирање, па дури и поддршка на терористичките организации, вклучително и ЈПГ/ПКК.

Во изминатите пет години, и Хелсинки и Стокхолм не се согласија со барањата на Анкара за екстрадиција на десетици терористи, вклучително и припадници на ПКК и ФЕТО, терористичката организација која стои зад неуспешниот обид за пуч во Турција 2016 година.

Високи претставници на Финска и Шведска треба да ја посетат Турција во наредните денови за да одржат официјални разговори во Анкара за нивните пристапни процеси.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).