„Ние имавме една партиска одлука, кога рековме дека одиме со активна блокада затоа што се потребни предвремени парламентарни избори за спас на Македонија. Деновиве гледам по настанот кој што се случи, немилиот настан со Талат Џафери во кој практично власта си го покажа целото грдо лице спроведувајќи ја агендата на ДУИ и на СДСМ, гледаме дека имаме една пасивна блокада во Собрание. Практично во Собранието немаме никакви активности. И не само што немаме активности туку сите портали со кои што комуницираме Собрание.мк и мејловите кои што ги добиваме од Собрание се целосно замрзнати, така да практично немаме никакви информации за она што се случува во Собрание“, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.
Лефков додаде дека се што рече опозицијата во декември месец пред носење на Буџетот излезе дека е точно. Уште тогаш опозицијата тврдеше дека власта во Буџетот нема предвидено средства за енергетската криза и така излезе.
„Кога зборуваме за ребалансот, ние видовме пред да биде донесен ребалансот како се обиде Димитар Ковачевски да тргне во една офанзива објаснувајќи дека тој ќе крател 100 милиони евра на непродуктивни трошоци од Буџетот. Точно за она кое што зборуваше опозицијата во декември месец пред носење на Буџетот, излезе сега дека е точно. Рековме уште тогаш дека имаат неконзистентно планирање и така излезе. Рековме и дека не планирале соодветно средства за енергетската криза и така излезе. Рековме дека немаат анти инфлаторни мерки и тоа се потврди дека е точно. Рековме дека имаат непродуктивни трошења, а тие истите луѓе излегуваа и не убедуваа дека опозицијата не знае што зборува, дека бил Буџетот ревидиран на начин што немал непродуктивни трошоци. Еве сега неколку месеци подоцна се враќаат во Собрание со скратени непродуктивни трошоци. Зошто не го направи тоа Ковачевски тогаш кога требаше? Зошто не ја послуша тогаш опозицијата“, запраша Лефков.
Лефков посочи дека кога се зборува за ребалансот и за Буџетот секогаш има точно определени процеси и процедури кои што влегуваат во Собрание. ВМРО-ДПМНЕ кога ја најави активната блокада како начин на делување, се најави и дека нема да се блокира ниту еден закон кој што е од интерес на граѓаните.
„Го гледам премиерот на државата кој што во една изјава во Прилеп на прашање за активната блокада ја навредува опозицијата и вели Собранието не било супермаркет и не можело кој ќе му текне да одлучува какви закони ќе се донесуваат или нема да се донесуваат. Но, токму во Собрание се одлучува кои закони ќе бидат донесени. А, во иста изјава во Прилеп, по 60 секунди кога премиерот го прашуваат за Талат Џафери вели дека ништо не слушнал. Јас ќе го потсетам и нека ја погледне седницата од следниот ден од 11-ти, на самиот почеток на седницата Талат Џафери јавно признава на кого се упатени навредите. Во дадениот момент Талат Џафери ја потцени ситуацијата затоа што тој знае да релативизира многу тешки прекршоци на Деловникот, и пред целата јавност кажа дека тој не им викал на обезбедувањето туку само им викал на вработените во службата“, потсети Лефков.
Лефков посочи дека Талат Џафери сам си призна дека им викал на вработените. При гостувањето исто така Лефков се осврна и на престојниот протест кој што треба да се случи на 18-ти јуни и ги повика граѓаните да се приклучат на протестот.
„Јавна покана и до БЕСА и до сите опозиционери, и до сите граѓани да се приклучат на протестот на 18-ти јуни. Затоа што тој протест ќе биде со кој што ќе се бараат промени, а она што е заедничко во моментов и на ВМРО-ДПМНЕ, и на БЕСА е барањето за предвремени парламентарни избори“, истакна Лефков.
фото: ВМРО ДПМНЕ