(ФОТО) Две мечки од скопската зоолошка градина заминаа во резерват во Швајцарија

Живеалиштето за мечки во нашата зоолошка е едно од постарите, а мечињата кои живеат тука уште од мали се донесени овде бидејќи останале без мајки поради човечки фактор и недозволен лов. Во недостиг на резерват за мечки во државата, секогаш тимот на ЗОО Скопје пробувале да помогнат на што повеќе мечки, но градината нема доволно простор за сите, велат од Зоолошката градина во Скопје во објавата на својата официјална ФБ страна.

Во продолжение ја објавуваме објавата во целост:

Во живеалиштето за мечките, до средата живееа четири мечки во три посебни делови. Бим и Бум во заеднички дел, а братот и сестрата кои имаат по 18 години во две посебни живеалишта. Не беше возможно да се направи реконструкција на живеалиштата, ниту пак редовно да се средуваат поради тоа што немаше начин ниту простор да се спојат сите четири мечиња.
Во разговор со нашите соработници од FOUR PAWS, дојдовме до заедничко решение кое е хумано за сите четири мечки-братот и сестрата да заминат во преубавиот Ароса парк, а Бим и Бум да добијат три пати поголем простор и реновирано живеалиште по светски стандарди кое ќе го правиме со експертиза на FOUR PAWS и искуствата од нивните резервати за мечки кои ги имаат низ Европа.


Благодарност до оваа најголема светска организација за заштита на животните за прекрасната соработка која ја имавме изминатиот период, бидејќи процесот за транспортот на двете мечки беше подолг, а нивниот и нашиот тим дадоа се од себе мечките безбедно и здрави да пристигнат во Швајцарија. Работевме заедно деноноќно, сите среќни дека четирите мечки ќе имаат подобра иднина и поголема благосостојба. Во прилог фотографии од нашата заедничка мисија, а наскоро и видео од целиот пат.
Продолжуваме и понатаму заеднички да се бориме за животните.

фото: Зоолошка градина Скопје