Што сака да постигне претседателот на Собранието, Талат Џафери? Прашањата кои до вчера го поставуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со очекување Џафери да се извини за неодамнешното недолчично однесување кон собраниски службеници, од синоќа се надополнети со нов инцидент. Опозицијата се пожали дека Џафери ги заклучил вратите на пленарната сала за да не можат да влезат други пратеници и да се пријават за дискусија за точката на дневен ред, објави dw.com.
„Врз основа на што заклучуваш врата? Кој Деловник ти дава право да заклучиш врата? Ќе пријавам во полиција. Срамота е ова што го правиш. Отвори ја вратата“, беа дел од реакциите на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и на неговите колеги.
„Вие не верувате во демократија, вие сте залутале овде“, му довикна пратеничката Гордана Сиљановска – Давкова.
„Вака изгледа Собранието кога треба да се пријавиме за збор. На колегите од власта не им пречи да бидат заклучени во салата“, регираше пратеникот Миле Лефков, кој на Фејсбук објави снимка од атмосферата во пленарната сала и од заклучените врати.
Џафери утрово не беше достапен да објасни зошто вратите на салата биле затворени, но се огласи ВМРО-ДПМНЕ.
„Со затворањето на пратениците, Талат Џафери стори кривично дело за кое се лежи во затвор“, наведе партијата во соопштение.
„Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејство стори кривично дело од чл. 140 ст. 3 и 4 од КЗ, од кои ст. 3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст. 4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се вели во партиското соопштение.
Од партијата посочуваат дека ова е трета тешка злоупотреба на позицијата на Талат Џафери.
Текстот во целост на: dw.com.
фото: PRETSC