Секојдневно сведочиме на силната поврзаност помеѓу луѓето и животните и покрај тоа што не комуницираат на ист начин, но она што луѓето сѐ уште ги изненадува и фасцинира е човековата поврзаност со дивите животни, која многумина ја сметаат за лудост или пак „невозможна мисија“.
На една таква неверојатна поврзаност сведочеше екипата на Агенција Анадолија (АА), која замина во лов со младиот соколар Трајче Китановски (33) и неговиот американски пустински јастреб од видот Харисон (латински Parabuteo Unicinctus), кого тој го нарекол Хари.
„Каква било емоција да имам, Хари ми помага многу, доколку сум тажен, одиме честопати во природа, бегаме од сите, од цел свет. Тоа ме исполнува. Буквално неговиот лет, лов, начинот на лов, размислувањето, таа наша поврзаност, кога го гледам како лета, како да летам јас“, вели Китановски.
Најголемиот предизвик со кој Китановски се соочил било стекнувањето доверба кај птицата грабливка, или како што тој уште го нарекува „ѓаволски тешка работа“. Процес кој бара многу време, трпение и труд за јастребот да почне да го гледа човекот како партнер во ловот.
„Првите знаци на дива птица се да ги рашири крилјата, да креска, да те гледа во очи, да те предизвикува да ја погледнеш за да те нападне, да има алиби… И тогаш, во првите часови, но и во првите денови, птицата не смее да се гледа во очи“, објасни Китановски.
Тој раскажуваше и за појавата која е многу критикувана, врзувањето на птицата грабливка на соколарски начин, велејќи дека тоа се прави токму заради безбедноста на самата птица, за да не се исплаши при транспорт или средба со друго животно.
„Доказ за тоа дека птицата не е измачувана е тоа што ние летаме секојдневно – јас ја пуштам, а ако птицата е несреќна, таа може да си оди каде сака и да не ми се врати никогаш“, објасни тој.
Китановски вели дека јастребот Хари, кој на прв поглед личи дека е нескротлив, е всушност неговиот најдобар пријател.
Текстот во целост на:Агенција Анадолија (АА)
фото: Агенција Анадолија (АА)