Вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со поздравно обраќање учествуваше на Свечената академија по повод одбележувањето на јубилејот – 30 години постоење на Македонски полициски синдикат (МПС).
Во своето обраќање министерот Спасовски во свое и во име на раководството на Министерството за внатрешни работи им го честита јубилејот – три децении постоење на МПС на членовите на најрепрезентативната синдикална организација во рамки на МВР, со желби за натамошни успеси како на професионален така и на личен план.
„Триесет години зад вас почитувани синдикалци означуваат едно исклучително богато професионално портфолио на Македонскиот полициски синдикат во доменот на синдикалното работење и заштитата и подобрувањето на социјалниот статус на вработените во МВР. Затоа денес МПС со право претставува достоен и респектиран партнер на раководството на Министерството, во креирањето на економско-социјалната, но и професионалната атмосфера во него, партнер без кого слободно и без претерување ќе потенцирам, скоро е неможно нормалното одвивање на процесите во министерството. Очекувам и верувам дека МПС ќе продолжи по веќе етаблираниот курс на кредибилен заштитник и поборник за синдикални и социјална права на сите вработени, и дека сите заедно ќе продолжиме со праксата на динамично подобрување на економскиот и професионален статус на сите наши колеги”, истакна министерот Спасовски.
На Свечената академија беа доделени свечени плакети на гости, партнери и соработници, а меѓудругото, на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му беше врачена плакета за за долгогодишно пријателство, поддршка и успешна соработка во унапредување на синдикализмот и синдикалното движење, како и легитимација и членска карта за почесен член на МПС.
фото: МВР