Изборот на уставни судии утре и задутре на седница на Комисијата за избори и именувања

По вчерашната средба на шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска за блокадата на изборот на четири уставни судии, денеска надлежните потврдуваат дека утре или најдоцна задутре изборот на уставните судии ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за избори и именувања.

-Изборот на уставните судии веќе утре или најдоцна задутре ќе се најде на Комисијата за избори и именувања, потврдила за „Слободен печат“ претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска.

Според Греоргиевска, продолжението на седницата на Комисијата за избор на судиите се одолговлекло поради обврски на членови на Комисијата.

На прашањето зошто се дозволило претседателката на Судот да мора да интервенира кај државниот врв за избор на судии, кога тоа е работа на пратениците, односно на Собранието, Георгиевска со одговор дека на средбата се разговарало и за дополнителни активности и иницијатив на Уставниот суд и се спомнал и застојот за избор на уставните судии.

Инаку Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.

Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

извор: Курир