Во албанскиот главен град Тирана се одржа церемонија за оддавање почест на поранешниот претседател на Албанија, Бујар Нишани, кој почина на 28 мај на 56-годишна возраст, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата се одржа во просториите на албанското Претседателство, а на комеморацијата присуствуваа голем број високи претставници од Албанија, Косово, Северна Македонија и други земји.
Советот на министри на Албанија го прогласи денешниот ден за ден на жалост во чест на поранешниот претседател Нишани.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, имаше свое обраќање на церемонијата, при што истакна дека Нишани бил посветен и ангажиран за градење на правна држава и за осигурување на основните права и слободи на граѓаните.
„Бујар Нишани веруваше во демократијата и владеењето на правото. Тој ќе биде запаметен за неговата смиреност, моќта на аргументот и лојалноста кон принципите и вредностите во кои веруваше. Како претседател на државата, Бујар Нишани работеше со посветеност за заштита на Уставот“, рече Мета.
По церемонијата, телото на поранешниот претседател Нишани беше погребано со високи државни почести.
Потсетуваме, Нишани почина на 28 мај во Германија, каде што се наоѓаше во болница за лекување поради здравствени проблеми.
Бујар Нишани беше роден на 29 септември 1966 година во Драч. Покрај функцијата претседател на државата која ја вршеше во периодот од 2012 до 2017 година, Нишани ги вршеше и функциите министер за внатрешни работи и министер за правда на Албанија.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).