700 цркви и манастири ќе бидат опфатени со проектот за мониторинг на православното културно наследство

„Нашето културно наследство е бројно и импозантно, но тоа е стасано во фаза на сериозно пропаѓање. Некаде требаат итни и неодложни интервенции, некаде требаат само превентивни интервенции, за да се добие на време, па во некоја следна фаза тоа посериозно и да се третира“, вели Сашо Цветкоски од центарот за истражување на културно наследство при МАНУ.

Цветкоски вели дека средновековните споменици се во состојба каде што треба неодложно да се интервенира. Во меѓувреме 700 цркви и манастири, низ целата држава ќе бидат опфатени со проектот за мониторинг на православното културно наследство, кој почна да се спроведува неодамна, од страна на ИКОМОС Македонија, а во соработка со МПЦ.

„Трескавец, Курбиново замислете 17 години само нешто се истражува, само нешто се подготвува за конзервација, само се изготвуваат проекти. Тоа се две децении, каде не се исконзервирани фреските каде ниедна тула од архитектурата не е ставена во процес на санација. Погледнете и во црквата Света Софија. Таму не е интервенирано уште од педесеттите години, а Света Софија беше најсложениот зафат во тоа време, не на нашата конзервација, туку на европската конзервација“, додава тој.

Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, Владиката Тимотеј вели дека има цркви кои се добра но и во лоша состојба.

„Тие избрале 700, но само во Дебарско-кичевската епархија има повеќе од 1000 цркви. Колку е постара една црква, толку повеќе треба нега. Света Софија и покрај тоа што ја штитиме и држава и црква, таа бидејќи е веќе стара црква има потреба од постојано негување, да се интервенрира, бидејки времето си го прави своето“, вели Тимотеј.

Земјава располага и со речиси 30.000 икони, на кои им потребна заштита, вели Цветкоски.

„Веќе 80 проценти се за некој облик на заштита. Некаде треба да се делува сериозно и итно. Некаде само превентувно. Затоа треба една стратегија, која треба да биде прифатена, вреднувана, валоризирана и од тоа да не се отстапува. Тоа мора да се остварува на годишно ниво. Инаку ние неможе да држиме чекор. Ние ги губиме веќе спомениците“, вели тој.

Откако ќе се направи увид и проценка на актуелната состојба во која сите тие се наоѓаат, ќе се дадат препораки за потребата од преземање на одредени заштитни интервенции. Проектот е во целост поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт департментот на САД, како дел од неговата иницијатива за документирање на наследството на заедниците.

 

Глас на Америка