Нова Македонија: На службите во ООН им се наложува да го употребуваат терминот „јазикот на Република Северна Македонија,, наместо терминот „македонски јазик“

Индикатори за бришење на македонскиот идентитет сѐ пофреквентно „испливуваат на површина“, а потврда за тоа е најновата интерна одлука во Секретаријатот на Обединетите нации, со која на службите во Секретаријатот им се наложува наместо терминот „македонски јазик“, да го употребуваат терминот „јазикот на Република Северна Македонија (РСМ)“.
Неименувани извори за „Нова Македонија“ од ОН алармираат дека во инструкцијата до службите на Секретаријатот се вели дека мора да се „избегнува“ терминот „македонски јазик“, во согласност со општиот став дека терминот „Македонија“ и сите деривати од овој термин не смеат да се употребуваат.

Истите извори наведуваат дека без оглед што на официјалната страница на ОН сè уште пишува „македонски јазик“, во тек е постепено елиминирање на сите деривати произлезени од терминот „Македонија“, вклучувајќи и на јазикот, без оглед што тој во ОН како таков е признаен многу одамна.

Понатаму се додава дека од оваа година категоријата „македонски јазик“ ќе се користи за „антички македонски јазик“, за што веќе Грците прават напори да ги убедат ОН дека станува збор за дијалект на античкиот грчки јазик.

Истиот извор појаснува дека во ООН постои забрана (таканаречена – „BAN“) за зборот „Македонија“ и сите изведени деривати од овој термин (македонски/ска/ско), што од претходниот месец важи и за јазикот.

Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, тврди дека тоа се јасни сигнали и индиции во еден процес за деноминирање на македонскиот идентитет, а во таа насока ја гледа и интерната одлука во ОН да се избегнува терминот „македонски јазик“.

– Oва е интерна директива. Доколку македонската мисија во ОН работеше како што треба, сега сето ова ќе излезеше во јавноста. Се работи за нови правила при постапување на лица вработени во Секретаријатот на ОН. Според овие насоки, „македонски јазик“ не треба повеќе да се користи – вели професорот Јанев.
Тој е убеден дека целата сложена операција, чија тенденција е „бришење на македонскиот идентитет“, умешно е вградена во Преспанскиот договор, како вешто создадена стапица во креираните клаузули од договорот, при што со неговото потпишување истата процедура е започната. Затоа, тој енергично се залага за негово итно раскинување ако сакаме да го зачуваме македонскиот идентитет.

 

Нова Македонија