„Вчера излеговме со прес конференција и побаравме оставка од премиерот Ковачевски, но не само од него туку од целокупната Влада. Ние сме разочарани што не се наоѓа начин да се започнат тие преговори, долгоочекувани преговори кои што се ветуваат години наназад со потпишување на разно разни договори, преговарања итн. Така да од таа страна можам да изразам разочарување што се уште еве не се почнати преговорите, и за нас како партија, а воедно и како држава цениме дека тоа е погубно“, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во утринска емисија на радио „Лидер“.
Ковачки искажа благодарност до македонскиот народ, до македонските интелектуалци, новинарите, колумнистите, и сите општествени чинители бидејќи застанаа во одбраната на македонските национални интереси. Граѓаните јасно кажаа дека не прифаќаат услови со кои што се брише македонскиот национален идентитет, негира македонскиот јазик и се гази македонската историја. Граѓаните не дозволија асимилација на македонската нација.
„Тоа што премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи го преговарале во изминативе шест месеци не е никако за честитање затоа што тие се тие кои што го имаат креирано документот, работеле на него. И на крај Ковачевски е токму тој што дал одобрување за тој документ. Францускиот предлог е документ кој што е направен тука пред месец, месец и половина и веќе се случува и француското претседателство како што слушнавме по медиумите. Се гледа дека и ние како опозиција се информираме од медиумите и претежно се информираме од медиумите во соседна Република Бугарија, за жал не се информираме од нашите претставници односно од нашава Влада која што ја плаќа народот и е должна да даде одговори пред нас пратениците, пред македонската јавност“, појасни Ковачки.
Тој посочи дека власта цело време ја убедуваше македонската јавност дека не се разговора за македонскиот национален идентитет за на крај да се воочи дека целата проблематика се сведува токму на распродажба на македонските национални интереси.
„Целата работа е дека премиерот Ковачевски и Бујар Османи имале сценарио во врска со реализацијата на овој документ. Како е тоа планирано? Планирано е во три чекори. Тие прифатиле практично се што барале Бугарите, а тоа веќе го потврди и вчера на социјалните мрежи комесарот Вархеји. А, Вархеји си кажа дека сите бугарски барања се прифатени. И сега што планирале Ковачевски и Бујар Османи? Значи првата точка односно првиот момент е веднаш да се отпочнат преговорите и при тоа тие не барале никакви дополнителни условувања, значи не ги интересирало внатре што стои туку да се почне со преговорите. Зошто? Затоа што на тој начин сакале да создадат еуфорија во земјава, дека еве готово почнуваме со преговори кои толку долгоочекувани преговори и конечно се почнуваат. И на тој начин создавајќи ја таа еуфорија сакале да направат на некој начин еден блиц крик, но во меѓувреме народот и опозицијата да ги стават пред свршен чин, значи онаа ситуација која што ја кажавме и вчера на прес конференцијата морковот или стапот, и да се доведеме во ситуација да мораме да прифатиме. Практично ако цела Европа еве да речеме прифати, а што би правеле ние со тој предлог, ние би биле доведени во ситуација да бидеме во една многу незавидна ситуација и би морале тоа да го прифатиме“, појасни Ковачки.
Ковачки укажа дека за среќа тоа не му помина ниту на Ковачевски, ниту на Османи, беа препознаени од народот, од интелектуалците и од новинарите. Ковачевски беше доведен во ситуација да мора да го одбие предлогот.
Во текот на емисијата тој се осврна на тоа дека се потребни предвремени парламентарни избори во Македонија час поскоро бидејќи со оваа власт државата не може да оди напред.
„Ние веќе ги најавивме некои чекори и гледате што се случува во Собранието, имаме една активна блокада на македонскиот Парламент каде што не ги гласаме законите кои што се на штета на македонските граѓани. и не само што не ги гласаме туку и целосно ги блокираме штетните закони. Дозволуваме да поминат само закони кои што се во интерес на граѓаните каде што треба да им се помогне на некој начин финансиски, процедурално некои работи да се решат“, истакна Ковачки.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ изминатиот викенд покажа една масовност на протестот. И токму тој протест практично докажа дека народот ги одобрува чекорите на ВМРО-ДПМНЕ.
„А, што се однесува до понатамошните чекори, сите имаа можност на протестот да го слушнат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку не договориме датум за избори, ќе продолжиме со уште посериозни чекори значи ќе одиме кон целосна блокада дури и на системот. Така да од интерес на Република Македонија, од интерес на граѓаните, па и од интерес на Социјалдемократскиот сојуз и нивната коалиција е да што побрзо се организираат избори, затоа што факт е дека со оваа структура на власт Македонија не може да продолжи ниту еден чекор понатаму“, рече Ковачки.
Ковачки посочи дека Македонија има деградација на секое поле поради неодговорноста и неспособноста на власта. Образованието, здравството, одбраната, безбедноста, практично на секое поле власта направи катастрофа.
извор: ВМРО ДПМНЕ
фото: ВМРО ДПМНЕ