Првиот потпретседател на Владата и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби го свика денес вториот состанок на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 Д.
Комитетот на денешната седница одлучи да и предложи на Владата формирање на екипите за експропријација, преговори и за спроведување на најголемиот инфраструктурен проект на нашата земја, кој ќе го реализира конзорциумот Бехтел Енка.
Коридорот 8 предвидува изградба на автопатот според современи стандарди на патната инфраструктура во три правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Ќафасан – Струга-Требениште.
Коридорот 10 Д предвидува изградба на автопатот Битола – Прилеп.
Со изградбата и на автопатот Скопје-Блаце, што беше одобрено од страна на Собранието и одборот на директори на ЕБОР, значително ќе им се олесни движењето на граѓаните од граничниот премин Блаце со Косово до граничниот премин Ќафасан со Албанија.
Реализацијата на овие големи проекти на патната инфраструктура значително ќе влијае на зајакнувањето на трговските односи меѓу балканските земји, побрзо и поквалитетно движење на граѓаните.
Законот за изградба на Коридорот 8 беше одобрен на 15 Јули 2021 година во Собранието на Северна Македонија на предлог на пратениците на парламентарното мнозинство и беше потврден од страна на Уставниот суд на 9 Декември 2021 година.
извор: Влада
фото: Влада