Мицкоски: Ако е толку добар овој предлог, тогаш Владата веднаш да го објави на нејзината веб-страница. Зошто го кријат?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната прес конференција рече дека Македонија преговара под бугарски диктат. Вели дека во новиот предлог се сменети само два збора.

„Лага е на Владата дека не биле запознаени со предлогот, лага е и тоа што ова сега го претставуваат како голем успех, а не сме го виделе и прочитале“, рече Мицкоски.

Мицкоски побара од Владата веднаш да го објави модифицираниот француски предлог, кој според, нивните информации, имал само семантички промени, а сите бугарски барања биле дел и од овој нов предлог.

-Ако е толку добар овој предлог, тогаш Владата веднаш да го објави на нејзината веб-страница. Зошто го кријат? ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш, по ниту една цена, да прифати решение штетно за македонскиот народ и иднината. Можеме да споделиме дека врз основа на нашите информации се два модифицирани збора различни од претходниот предлог. Ако претходно имавме нокаут за македонската дипломатија, сега имаме нокаут со продолжено дејство. Нема никакви корекции. Бугарските барања се дел од овој модифициран предлог. Ова е дебакл, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ истакна дека партијата ја сменила одлуката и од утре нема да протестира поради зголемените цени, со цел да се фокусира на новиот француски предлог.

-Иако најавив дека ќе му предложам на ИК да имаме протести уште утре поради драматичниот удар врз стандардот на граѓаните, со оглед на зголементото ниво на претпазливост околу чекорите со францускиот предлог и потенцијалното предавство на државните интереси, одлучив таа одлука да се смениме и целосно да се фокусираме на решението. Овој модифициран предлог го немаме ниту видено, ниту прочитано, рече Мицкоски.

фото:PRTSC