Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен словенечки државјанин осомничен за кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 јули, пред спортскиот центар „Јане Сандански“, каде учествувал на Европско првенство за хип-хоп како тренер на група деца од Република Словенија, осомничениот забележал велосипед вреден 45.000 денари, кој би потпрен на ѕидот и незаклучен. Осомничениот го одзел велосипедот и го скрил во грмушка во близина на кејот на Вардар. Откако завршил натпреварот, велосипедот го расклопил на три дела и го ставил во багажниот простор на автобусот со кој групата требало да се врати во Словенија.
Откако била пријавена кражбата, полициски службеници го легитимирале и го претресле осомничениот, а во неговиот личен багаж пронашле две стаклени тегли и пластично кутивче со вкупно 13,57 грама наркотична дрога – марихуана.
Со оглед на тоа што се работи за странски државјанин без постојан престој во земјава, јавниот обвинител оцени дека постои очигледна опасност за бегство, како и можност тој да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
извор: Основното јавно обвинителство Скопје