Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ имаше средба со специјалниот пратеник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, по која одржаа заедничка прес-конференција.
– Сега, кога стигнавме до толку посакуваниот старт на преговори со Унијата, време е да го валоризиме нашиот труд и да ги запечатиме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската европска и просперитетна иднина. На чекор сме од историска можност за отпочнување на преговорите, без дополнителни одлагања, со заштитен македонски јазик и македонскиот идентитет, без никакви додавки, рече вицепремиерот Маричиќ. Тој истакна дека ова е можност за ставање крај на лавиринтот во решавањето на отворените прашања со Бугарија и старт на долгоочекуваните преговори со Европската Унија, како и дека треба да се искористи оваа можност.
– Пред нас имаме европски предлог за отпочнување на преговорите со Унијата кој ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и со кој преговорите ќе започнат веднаш по неговото одобрување. Чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ, објасни Маричиќ.
Специјалниот претставник Сарацин истакна дека францускиот предлог го гледа како можност за отпочнување на преговорите со ЕУ, кој според него претставува широко отворена врата како што не била досега. Сарацин ја потврди посветеноста на Сојузната влада за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, а ова е значаен чекор кој е од интерес и на ЕУ и на регионот.
– Оваа Влада во изминатите денови навистина интензивно преговараше и компромисот кој што сега е на маса и како што јас го читам е вистински компромис во кој се земени во предвид барањата на македонската Влада и мислам дека тоа е знак дека Европа може да функционира тука, рече Сарацин
Сарацин потенцираше дека политиката на проширување и интеграцијата на Западен Балкан е клучна и за германската Сојузна Влада и затоа е многу важно овој процес со Северна Македонија да се заокружи и дека тоа е наш интерес, но и во интерес на Европската Унија.
Маричиќ и Сарацин посочија и на акуелната ситуација во однос на руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека треба европскиот континент да се обедини со цел да се зајакне геополитичката безбедност и да се затвори секаква можност за влијанија од други земји во регионот.
извор: Влада
фото: Влада