Пешачел три години од Јужна Африка до Мека за да изврши аџилак

0
310

Идниот аџија по име Сахид пешачел три години од градот Кејптаун во Јужна Африка за да стигне до Мека, Саудиска Арабија, за аџилак, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во видеото објавено на твитер-профилот „Africa Facts Zone“, идниот аџија вели дека се вика Сахид и дека пешачел три години за да стигне до Мека.

Тој рече дека тргнал на пат од родниот Кејптаун на 30 август 2018 година, а потоа пешачел низ Зимбабве, Замбија, Танзанија, Кенија, Судан и Египет и пристигнал во Палестина.

Како што рече, во Џамијата „Ал Акса“ останал повеќе од една година поради затворањето на границите за време на пандемијата на Ковид-19.

По повторното отворање на границите, преку Јордан пристигнал во Медина, а потоа во Мека.

Сахид изјави дека по завршувањето на аџилакот планира пеш да се врати во родниот град.

Неговата изјава за ова необично патување привлече големо внимание на социјалните мрежи.

Аџилакот е обред на муслиманите и претставува последен од петте столбови на исламот. Да се посети Мека и да се изврши аџилакот барем еднаш во животот е должност на секој полнолетен, умствено и физички здрав муслиман, чии финансиски околности го овозможуваат тоа.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).