(ФОТО) Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени – Силата е во масовноста, а не во насилството

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на денешниот протест рече дека нема да се откажат од чисти и мирни протести ниту ќе го прифатат предлогот кој владата веќе го испрати во Собранието.

-Задоволство ми е да кажам дека повторно десетици илјади граѓани од Македонија излегуваат и протестираат против ова што се подготвува. И навистина тоа претставува за сите нас посебна чест, но и обврска, сите нас не обврзува. Доколку донесе владата одлука за што ние силно протестираме и велиме да биде таа НЕ, тогаш парламентот е тој кој што одлучува, а јас силно ве уверувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи било какви уставни измени. И во тоа да бидете сигурни и македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ во парламентот тоа нема да го подржи. За тоа се потребни 80 пратеници и бидете сигурни дека овие тие 80 пратеници ги немаат и тоа треба на сите да им е јасно. И во Македонија и надвор од Македонија, истакна Мицкоски.

Истовремено Мицкоски им порача на оние кои што се дел од овие протести а „се обидуваат преку разно разни инфилтрирани групи, слуги на владата на СДСМ и ДУИ, наоружени и не наоружени“ да провоцираат дека ги знаат сценаристите.

-Овој мирољубив народ знае дека силата е во масовноста, не е силата во насилството. Насилството е практично предавство на вредностите во кои што ние веруваме, а ние веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство во она кое што го подготвува оваа корумпирана, анационална, предавничка и ненародна власт. Затоа сакам сите ние заедно да им порачаме едно големо НЕ и на тие насилници кои што се обидуваат да го контаминираат овој сенароден, голем чист како солза, бебешка солза протест против ова национално предавство кое што се подготвува. Ќе повторам силата не е во насилството, силата е во масовноста. Насилството е само предавство на вистинските вредности во кои што ние како генерација на политичари, граѓани во Македонија веруваме без разлика на нашите политички различности, бидејќи овде нема само припадници на ВМРО-ДПМНЕ, има и од на СДСМ, има неопределени без разлика на верските и етничките разлики. Ние веруваме дека она кое што е денеска на маса не е тоа кое што ја осигурува нашата иднина, туку напротив не ја осигурува нашата иднина“, истакна Мицкоски.

фото: NEWS1.Mk