Истражување: Одењето на одмор може да го подобри менталното здравје

Концептот „патувањето како терапија“ го потврди неодамнешното австралиско истражување кое ги поврзува искуствата на патување со некои од терапиите кои експертите ги препорачуваат на лицата кои имаат проблеми со менталното здравје како што е деменција.

Здравствените експерти сѐ повеќе се уверени во концептот „патување како терапија“ и за реалната корист која туризмот може да ја донесе на нашето ментално здравје.

Во студијата на Универзитетот Едит Кован (Edith Cowan – ECU) во Австралија, која заеднички ја спровеле експерти за туризам и здравје, се наведува дека, иако одморите се време за разонода, тие можат да имаат и терапевтски аспект. Веќе е познато дека самата резервација на годишниот одмор го поправа расположението, како што покажа истражувањето на Универзитетот во Корнвал пред многу години.

„Медицинските експерти можат да препорачаат третмани против деменција како што се музичка терапија, вежбање, когнитивна стимулација, терапија на реминисценција, сензорна стимулација и прилагодување на пациентот на времето на оброк и окружување“, рече водечката истражувачка др. Јун Вен.

„Сите овие елементи се присутни и во текот на одморот“, вели таа.

Во истражувањето се наведува дека одењето на одмор овозможува да се смени окружувањето и овозможување нови искуства, што резултира со когнитивна и сензорна стимулација. Освен тоа, туристите поминуваат повеќе време на отворено, што им овозможува да апсорбираат витамин Д и серотонин, во ладна или топла земја.

Меѓу другото, на одмор повеќе се бавиме со физички активности, посебно со шетање. Оброците се поврзани со моменти на дружење со други луѓе, што „позитивно влијае на прехранбеното однесување на пациентите со деменција“, смета др. Вен.

Сите овие искуства се комбинираат за да се претстави „холистичко туристичко искуство“.

„По две години кои ги одбележи пандемијата со Ковид-19, ова е вистинско време да се утврди улогата на туризмот во јавното здравство – и тоа не само за здравите туристи туку и за ранливите категории“, заклучува др. Вен.

News1.mk / TRT Balkans