По обраќањето на Урсула фон дер Лајен во четврток, пратениците ќе расправаат за францускиот предлог

0
279

Информацијата за предлог-преговарачката рамка в четврток ќе се најде пред пратениците во македонското Собрание. Откако Владата денеска излезе во пресрет на барањата на опозицијата и до Собранието достави дополнување на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ, материјалите се доставени до пратениците. До нив е испратено и известување дека 80-та седница на Собранието е свикана за в четврток во 13.00 часот, додека 81-та седница ќе се започне половина час подоцна. Собранието официјално информираше дека на седницата ќе се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, објави DW.COM.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократски сојуз испрати до претседателот на Собранието, Талат Џафери, предлог – заклучоци што треба да ги усвои Собранието во врска со францускиот предлог. Трајанов смета дека овие предлог-заклучоци би можеле да бидат основа за консензус меѓу партиите во парламентот. Партијата, која што е коалиционен партнер на СДСМ, бара да се изостави делот за еднострани декларации за македонскиот јазик, како и делот за билатералните прашања меѓу двете држави да се дел од преговорите со ЕУ.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски денеска ги повика пратениците на СДСМ да го одбијат предлогот и да го послушаат народот. Од СДСМ пак, порачаа дека очекуваат силна поддршка од Собранието и од пратеници на опозицијата за продолжување на европскиот пат.

Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, која што влегува во собраниска процедура се носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61. Според Мицкоски, суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно, бидејќи Владата на Димитар Ковачевски веќе ја прифати.

извор: DW.COM