Суспендирана авио линијата Дортмунд -Охрид од ,,Визер,, до 2 септември

Поради новиот бран на коронавирус и зголемениот број на случаи меѓу персоналот, „Визер“ привремено суспендира линии кон неколку дестинации од земјите на поранешната Југославија. Со одлуката на нискобуџетната авиокомпанија се опфатени и двата македонски аеродрома.

До 2 септември се откажани сите летови на „Визер“ од Дортмунд до Охрид, а летовите кон Гетеборг, Келн, Берлин и Фридрихсхафен од Меѓународниот аеродром во Скопје ќе се реализираат со намален обем, пренесува специјализираниот портал www.exyuavition.com.

„Превозникот беше принуден да откаже стотици летови ова лето, а особено беа погодени операциите надвор од Обединетото Кралство и Унгарија“, наведува порталот и додава дека се можни и натамошни промени и откажувања, бидејќи авиокомпанијата се бори со недостиг на персонал, но и со голем број на членови на кабинскиот екипаж кои земаат боледување во услови на нов бран на коронавирусот низ Европа.

Од Белград се намалува обемот на летови со Малме и до Фортмунд, од Сараево се намалува обемот на летови со Копенхаген и Келн, од Љубљана се намалуваат летовите кон Лутон и кон Лондон, од Бања Лука се намалуваат летовите кон Малме и Базел, од Приштина и Ниш се намалуваат летовите кон Виена, од Подгорица и Дубровник кон Рим и од Сплит кон Познањ.

 

novatv.mk