Јаулески од собраниската говорница го запали францускиот предлог

„Со Преспанскиот Договор го ископавте гробот, а со овој т.н француски предлог сакате да го затрупате. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се отвори Уставот и истиот да се промени тоа да му биде јасно на секого. Ако отвориме Устав тоа е за да ве вметнеме вас од СДСМ како предавничка и антидржавна партија“.

Ова денеска го изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески на денешната Собраниска седница, а неговиот говор го заврши со палење на францускиот предлог додека се уште беше на собраниската говорница.

„Кога го слушав Бујар Османи дека овој француски предлог има реципроцитет, наеднаш си помислив дека Македонците ќе бидат впишани во бугарскиот Устав, дека бугарската држава ќе ги почитува пресудите на ЕСЧП и ќе ја регистрира „Омо Илинден Пирин“ организацијата на Македонците во Бугарија, дека во таблите на културно-историските споменици во Пиринска Македонија ќе има македонски ознаки, дека ќе има санкции за говор на омраза кон Македонците, рехабилитација и репарација на Македонците од Пиринска Македонија кои се измачувани од комунистичкиот режим во Бугарија после 1948 година па се денес, дека ќе се отворат архивите на државната безбедност на Бугарија и дека ќе се лустираат сите агенти кои ги кршеле основните човекови права на Македонците, дека ќе се отворат школи во кои Македонците ќе можат да учат на мајчин јазик“ – кажа Јаулески.

Тој додаде дека наместо да се прифаќаат вакви понижувачки предлози вие требаше да прогласите крај на какви било разговори за историјата, јазикот и идентитетот. Со прифаќање на овој предлог никогаш нема да влеземе во ЕУ, со ставање потпис на ваков предлог тоа е невозможно и давате право на Бугарија кога сака и за што сака.

макфакс.мк