Градоначалникот Кирил Пецаков денеска изврши увид на новите инвестициски активности во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.
Во моментот се врши поставување и инсталирање на 14 смарт табли во училниците, кои значително ќе го подобрат квалитетот на наставната програма и ќе придонесат за поголема интеракција на часовите. За набавка на овие електронски уреди, од буџетот на Општина Охрид се издвоени 1.200.000 денари.
Исто така, во моментот се изведуваат и градежни зафати за поставување на лифт во училишната зграда и се врши уредување на два тоалети кои ќе бидат наменети за лица со посебни потреби. Овие активности се дел од проектот на Министерството за образование финансиран од Европската Унија во вредност од 120.000 евра. Во рамки на истиот проект, ќе бидат поставени и пристапни рампи и соодветна сигнализација за лица со оштетен вид.
Градоначалникот Пецаков во својата изјава за медиумите рече дека ова училиште во текот на изминатиот период значително го променило својот изглед и содржините кои ги нуди за учениците. Поради добрите резултати во работењето донел одлука менаџерскиот тим на училиштето да продолжи со својот мандат.
Градоначалникот истакна дека Локалната самоуправа и во иднина ќе настојува да ја следи и да ја воведе напредната технологија во образовниот процес на локално ниво и да ги опремува училиштата согласно современите стандарди за настава. Тој најави дека во наредниот период ќе следуваат уште низа нови инвестиции и во останатите училишни објекти во општината.
Во иднина, со средства обезбедени од буџетот на Општина Охрид за ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ планирана е набавка на нов инвентар и опрема за училниците. Наскоро во истото училиште се очекува да започне и имплементацијата на проектот за опремување на сите кабинети за практична настава кој е финансиран преку гранд од од RCF-fond и Германската банка за обнова (KfW), во вредност од 580.000 евра.
општина Охрид