Низ гасоводот Северен тек 1 повторно тече гас

По пауза од десет дена, во која беше извршен ремонт на Северен тек 1, гасоводот повторно транспортира гас во Германија. „Тргна“, изјави кусо изутринава за агенцијата АФП портпарол на компанијата Северен тек АГ, без да прецизира колкави количества гас се транспортираат.

Шефот на германската Агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници, Клаус Милер, на Твитер напиша дека од руска страна најавеното количество е околу 30% од вкупниот капацитет. Најавеното количество е обврзувачко за првите два часа, а промени во текот на денот би биле „многу невообичаени“, оцени Милер.

Германската влада во текот на контролата на гасоводот стравуваше дека испораката на гас можеби нема повторно да почне. Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот (19.07) изјави дека Гаспром „целосно“ ќе ги исполни своите обврски. Меѓутоа, тој се закани со намалување на количеството гас кој се транспортира низ гасоводот и рече дека доколку турбината, која беше на поправка во Канада, не пристигне во Русија, ќе може да се лиферуваат само 30 милиони кубни метри гас дневно.

Дојче Веле